Сараевскиот филмски фестивал и Советот на Европа повторно ја доделуваат Специјалната награда „Младински перспективи“, која ќе биде доделена на официјалната церемонија на 32-от Сараевски филмски фестивал. Оваа награда се фокусира на перспективите и пристапите на младите луѓе во справувањето со актуелните предизвици, како и на очекувањата на идните генерации.
Наградата се доделува на филм кој се занимава со улогата на младите луѓе во обликувањето на општествата и демократиите, нивните искуства и аспирации и прашањата што најмногу ги засегаат. Наградниот фонд е 7.500 евра.
Членовите на жирито за Специјалната награда „Младински перспективи“ на 32-от Сараевски филмски фестивал се режисерот Винко Брешан, експертот за јавни политики и застапување Андреј Драгош Тарта и режисерот Георги М. Унковски.
Оваа година, во конкуренција се 14 филмови помеѓу кои и македонските „17“ на Косара Митиќ и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума кои се дел и од натпреварувачка програма – игран филм.