Се снима филмот „Мравки“ – нова македонска црна комедија

Режисерот Марјан Гавриловски кој на јавноста и е познат по режијата на комедијата „Те дуа, жими мене“, почна со снимањето на третиот долгометражен игран филм под насловот „Мравки“. Сценариото е на Никола Кузелов, продуцент е Ромир Јакупи, а директор на фотографија е Фејми Даут.

„Мравки“ ќе се снима на повеќе локации низ Скопје и Дебар. Се работи за црна комедија со елементи на трилер, чија приказна следи невообичаен тандем – инспектор пред пензија и трансвестит, кои се принудени заедно да разрешат мистериозно убиство. Нивната неочекувана соработка ги соочува со сопствените предрасуди, но и со опасен свет исполнет со тајни и апсурдни ситуации.

Сценариото „Мравки“ има освоено награди за најдобро долгометражно сценарио на Golden Wheat Awards, Brno Film Festival и Bratislava International Film Awards.

Главните улоги ги играат Сенко Велинов и Никола Кузелов, а во екипата се и Сашко Коцев, Атанас Атанасовски, Владо Јовановски, Береда Решит, Тања Кочовска, Владимир Тулиев, Кристина Атанасова-Арсова, Мими Таневска, Драган Спасов-Дац.

Филмот со работен наслов „Мравките владеат со светот“ доби 15 милиони денари на Конкурсот за поддршка на филмови на Агенцијата за филм од 2021 година.