Во рамки на придружната програма на 15. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ за првпат во Македонија ќе се изведува јапонски Камишибаи театар. Вкупно шест претстави ќе бидат изведени на 5 и 6 август од 17 часот во фоајето на Центар за култура – Битола. Овие претстави во кратка форма од по 10 минути вообичаено наменета за улична изведба ќе се изведуваат по три во термин.
Камишибаи е традиционална јапонска форма на раскажување приказни која ги спојува ликовната уметност, театарот и литературата. Зборот камишибаи во превод значи „хартиен театар“. Неговата особеност е што приказната се раскажува преку рачно нацртани и илустрирани слики, поставени во мала дрвена рамка (бутаи). Додека раскажувачот ја води приказната, една по една ги менува илустрациите, создавајќи впечаток на жив театар во кој цртежите оживуваат пред публиката.
05.08.2026 – 17h
„Работа за лисјата“, „Чадорот“ и „Свадбата на глувците“.
06.08.2026 – 17h
„Легендата за Дунав“, „Замисли“ и „Легендата за Аурора“.
Во рамки на фестивалот ќе се одржи и театарска работилница за деца за создавање на ваков тип јапонски театар под водство на професорката Јованка Улиќ од Србија. Работилницата ќе се одржува на 5 и 6 август од 11 часот во фоајето на Центар за култура – Битола. Учесниците ќе ги цртаат, учат и раскажуваат своите претстави кои ќе бидат изведени на фестивалското затворање на 7 август. Учеството е бесплатно а пријавувањето се врши со порака на Фејсбук страниците на фестивалот и Бабец театар.