Филмското деби на Срѓан Јаниќијевиќ премиерно на фестивал во Олденбург

Новиот македонски филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“ дебитантско остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, ќе ја има својата светска премиера во официјалната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Олденбург.

Таму ќе биде претставен под насловот „You Won’t Believe What Happened Before“, а е избран во официјалната конкуренција и ќе се натпреварува за фестивалските награди. Фестивалот ќе се одржи од 16 до 20 септември 2026 година и повеќе од три децении претставува една од најзначајните европски платформи за независна кинематографија. Во меѓународните филмски кругови е познат како „Европскиот Санденс“, додека The Hollywood Reporter го опишува како водечки германски фестивал на независниот филм и едно од задолжителните места на европската фестивалска сцена.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Приказната следи двајца новинари вовлечени во свет на корупција, злоупотреба на моќта, политичка хипокризија и скандали, во кој секој обид да се открие вистината носи нови морални дилеми и лични последици.

Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Директор на фотографија е Дејан Димески.

Според режисерот Јаниќијевиќ, едно од централните прашања што ги отвора филмот е колку е можно човек да остане „чист“ во средина во која вистината постојано се приспособува на интересите на моќниците. Сценаристот Сашо Кокаланов нагласува дека филмот не претендира да биде целосна слика на македонското новинарство, туку преку конкретна приказна отвора пошироки прашања за медиумите, политиката и општеството.