Оливера Катаринa, една од најважните уметници од поранешна Југославија и една од најголемите диви на 1960-тите и 1970-тите, почина на 87-годишна возраст.
Таа беше актерка и пејачка, а во текот на својата повеќе децениска кариера остави неизбришлив белег во домашната и меѓународната уметност. Се прослави по улогата во култниот филм „Скупљачи перја“ од режисерот Александар Петровиќ, кој беше номиниран за Оскар и награден на Канскиот филмски фестивал.
На академијата за драмски уметности беше во класа заедно со Петар Краљ и Милена Дравиќ.
.За нејзиниот глас и убавина се пишуваше насекаде каде што настапуваше, а италијанската радио и телевизија – РАИ ја прогласи за најубавиот глас на Медитеранот. Таа беше споредувана со најголемите светски ѕвезди од тоа време, а во еден напис во „Њујорк тајмс“ пишуваше: Се роди нова Ана Мањани, додека во Франција велеа дека Брижит Бардо нема на што да ѝ завидува. Познатиот композитор Шарл Димон, кој напишал познати шансони за Едит Пјаф, ѝ понудил на Оливера да ги сними неговите композиции, а со негова пијано придружба таа отпеала песна што тој ѝ ја посветил, насловена како „Еден ден по крајот на светот“.
Како интерпретатор на оригинални народни песни и ромски романси, таа одржала повеќе од сто концерти низ целиот свет, снимала синглови и ЛП-а со српска, ромска, грчка, индонезиска и афро музика. Пеела композиции од Енио Мориконе, Шарл Димон, Дом Сузуки, Микис Теодоракис, Корнелије Ковач. Таа одржа 72 последователни концерти на познатата француска Олимпија, на кои присуствуваа сите водечки француски филмски и музички ѕвезди од тоа време.
Дебитираше во филмот „Среќно“ од 1964 година. А се појави во околу десетина домашни и дваесет странски филмови. За филмот „Гоја“ освои награди на филмски фестивали во Москва и Венеција, а нејзината најпозната улога е во филмот „Скупљачи перја“ од 1967.
Таа глумеше во филмови на Пуриша Ѓорѓевиќ, Миќа Поповиќ, Соја Јовановиќ, Ѓорѓе Кадијевиќ а играше и во филмови на странски режисери како Џанфранко Паролини, Алберто Латуаде, Мајкл Армстронг, Конрад Волф итн.
Оливера Катарина беше запаметена и како „единствената жена пред која Салвадор Дали клекна“ по нејзиниот концерт во Париз, бидејќи беше воодушевен од нејзината убавина и глас.