„Парни ваљак“ го претставува новиот сингл „Сати“ од албумот „Кажу пчеле умиру…“, издание наградено со „Порин“ кое, заедно со одличните критики од индустријата, ја освои публиката со нови оригинални песни. Новиот сингл пристигнува пред најавата за голем концерт на кој „Парни ваљак“ и „Прљаво казалиште“ ќе ги здружат силите и ќе организираат еден од најголемите концертни настани во годината.
Песната „Сати“ доаѓа по успешните синглови „Данас нисам свој“, „Куд идемо ми“, „Откад те не видам често“, „Сад кад знаш“ кои ги освоија радио листите и го најдоа својот пат до лојалната публика која ги пее едногласно на концертите.
Песната е напишана од Хусеин Хасанефендиќ Хус, автор на бројни хитови од еден од најдолготрајните бендови на домашната музичка сцена. Продукцијата е на Маријан Бркиќ – Брк, долгогодишен член на бендот.
Албумот „Кажу пчеле умиру…“ ја освои наградата „Порин“ во категоријата Албум на годината и претставува прво студиско издание на „Парни ваљак“ во ново поглавје со пејачот Игор Дрвенкар. Преку песни и препознатлив звук, бендот уште еднаш покажа како успешно ги комбинира богатото искуство, новата енергија и авторскиот ракопис што ја обележува домашната музичка сцена со децении.