Балканската South Park – „Bruca Braca Bruda Brada“ добиваат долгометражен филм

Сараевскиот уметнички колектив „Хелем Нејсе“ го најави првиот долгометражен филм базиран на нивната култна анимирана серија „Bruca Braca Bruda Brada“, попозната под кратенката BBBB. Новиот проект е насловен „Bruca Braca Bruda Brada – Зомби апокалипса“ и претставува голем чекор напред за продукцијата, која досега беше присутна првенствено преку кратки епизоди на YouTube и социјалните мрежи.

Серијата BBBB ги следи четирите главни ликови – Бруц, Браца, Бруда и Брада – жители на сараевската населба Швракино Село, чии секојдневни авантури коментираат за социо-политичката реалност на Босна и Херцеговина и регионот преку хумор и сатира.

Од нејзиното лансирање во 2021 година, серијата постигна висока гледаност и собра илјадници следбеници на различни платформи, а често се споредува со американската анимирана серија „Саут Парк“, поради сличниот пристап кон актуелните и чувствителни теми преку црн хумор.

Деталите за датумот на премиерата и содржината на филмот сè уште не се познати, а Хелем Нејсе ја сподели најавата преку својот Инстаграм профил.