70 од 140 апликации се прифатени на првиот конкурс кој го објави Културниот и информативен центар – Битола за првиот Битфест во нивна организација. 18. издание на познатиот летен фестивал започнува утре (19 јуни) со мјузиклот „Као Какао“ а се завршува на 29 август со јубилеен концерт на „Фолтин“.
„Концертот ќе биде колаж од овие десет албуми кои се издадени. Концертот ќе биде целовечерен и ќе трае околу два и пол часа. А ќе гостуваат и поранешни членови на бендот“ – истакна Гоце Јовановски од „Фолтин“.
Плакатот на овогодинешното издание е муралот на Борко Лазески од просториите на Поштата во Битола, за кој се добиени авторски права за користење како мотив.
„Се одлучивме затоа што муралот ја прикажува целата историја, традиција и култура на градот Битола. А од мотивот на муралот произлегоа и неколку други проекти кои ќе бидат дел од Битфест. Помеѓу нив е почеток на еден фестивал посветен на чалгијата кој ќе биде на почетокот на август.“ -рече Димитар Михајловски, директор на КИЦ Битола.
Комсијата за селекција беше во состав: Оливер Јосифовски, Петар Горко, Љупка Стефановска, Даниела Николовска и Тодор Ивановски.
Од прифатените апликации: 20 се од драмската област, 40 од музичко-сценската, 6 настани се изложби а 2 се фолклорни.
„Оваа година Битфест не се занимава со продукција, туку со готови настапи. Акцент ставивме на битолските афирмирани и млади изведувачи. Работилници не и аматери не. Ова се четири клаузули што си ги дадовме и преку кои ги гледавме квалитетите на апликантите. Ја преполовивме понудата, но го избравме најквалитетното. Апелирам догодина повеќе идеи, не само за да се земат пари, туку да се понуди квалитет и да се претстават како уметници и да има значење за градот. А не настан колку да пројде, поминаа тие времиња. Ајде да гледаме што е квалитетно“, истакна актерот Петар Горко.
Во програмата се и традиционалните фестивали: „Илинденски денови“, „Локум фест“, „Битолино“ и „Битола Отворен Град“. Организаторите ги издвоија премиерата на „Госпоѓа Бовари“ на Народен театар – Битола и концертите на националниот ансамбл „Танец“ со хрватскиот ансамбл „Ладо“ и концертот на Симон Трпчески како особено атрактивни за публиката од Битола но и околните градови и туристите.