Кон „Калигула“ по текст од Албер Ками, режија Ѓорги Ризески.
Вториот фестивалски ден на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ заврши со претставата на Кумановскиот театар, кој по три години моќно се враќа на фестивалската сцена.
Претставата „Калигула“ носи свеж и алтернативен пристап кон ликот на прочуениот римски император и неговото контроверзно владеење, поставувајќи го во современ сценски контекст како слободен човек и уметник кој твори во име на апсолутната слобода. Во таа интерпретација, Калигула не е само историска фигура на моќ и деструкција, туку лик кој свесно ја прифаќа болката — и сопствената и туѓата — во обид да се ослободи од правилата, лагите и ограничувањата на општествениот поредок, стремејќи се кон духовна и егзистенцијална вечност. Претставата се гради како визуелно и телесно богато сценско искуство, кое преку актерска игра, движење и иновативен сценски јазик.
Во претставата играат: Марко Трајковиќ, Александра Михајловска, Кети Дончевска Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Величковиќ, Владо Дојчиноски, Жарко Јовановиќ и гостите Илин Јовановски, Никола Милошевски, Луна Маријановиќ, Теодор Јакимовски.
Марко Трајковиќ со сигурност се издвојува како еден од најсериозните кандидати за награда за главна машка улога. Него го гледаме во низа трансформации — од емотивен, скршен и исцрпен лик, до суров владетел и убиец. Трајковиќ многу вешто и лесно преминува низ овие состојби, притоа задржувајќи внатрешна конзистентност на ликот. Покрај актерската маестралност, тој демонстрира и значителна физичка подготвеност и издржливост, изведувајќи бројни скокови и падови кои делуваат исклучително реално, а не како сценска имитација.
Леќите и тетовираното тело дополнително го надградуваат визуелниот слој на ликот, додавајќи му современа и речиси митологизирана димензија. Овој естетски код, заедно со костимографијата на Кети Пауноска-Стевковска, особено во креирањето на Калигула, претставува целосен погодок кој успешно го заокружува неговиот сценски идентитет и ја засилува впечатливоста на изведбата.

Освен Трајковиќ, речиси целата актерска постава е вклучена во голем број акробатски и сценски движења, при што елементите на физичкиот театар значително ја засилуваат динамиката на претставата. Kореографијата на Сања Русеска и акробатските решенија на Горданa Крстиќ придонесуваат за силна, енергична и визуелно впечатлива сценска изведба, која успешно се вклопува во концептот на претставата.
Овој физички и телесен пристап особено доаѓа до израз во големата но минималистичката сценографија, составена од голема метална конструкција со скалила и трон поставен на ротирачка платформа. Таквиот сценски простор, лишен од излишни детали, дополнително ја нагласува суровоста, вертикалната моќна симболика и борбата за позиција и доминација, овозможувајќи им на актерите целосно да го искористат телото како основен драмски инструмент.
Дополнителен визуелен, естетски и драмски печат на претставата им даваат сцените со гостинските танчерки Ева Пауновиќ и Јована Таневска, кои ја отвораат и затвораат претставата, а се појавуваат и низ нејзиниот тек како своевидни сценски интермедијации. Нивното присуство функционира како ритмичка и визуелна пауза во драмското ткиво, дополнително нагласувајќи ја атмосферата и симболичката слоевитост на сценската целина.

Освен танцот и физичкиот израз, претставата вклучува низа иновативни визуелни решенија во кои се комбинираат светло, реквизити, песок, крв, вода и пламен во неколку сценски целини. Овие елементи внесуваат дополнителна драмска густина и визуелна експресивност, при што нивната реткост во македонската театарска практика е особено значајна токму поради начинот на кој се интегрирани во сценското ткиво. Наместо да делуваат како декоративни или изолирани ефекти, тие се функционално вградени во драмската структура, придонесувајќи за засилување на атмосферата, значењето и емоционалниот интензитет на претставата, што ѝ дава современ и експериментален карактер.
Ѓорѓи Ризески внимателно и прецизно ја води актерската игра, создавајќи сценска целина во која актерските изведби органски се спојуваат со музиката, костимите и визуелните ефекти. Токму преку оваа интегрираност, дури и највознемирувачките и најексплицитните сцени добиваат силна драмска моќ — публиката интензивно ги чувствува, но тие не делуваат евтино шокантно или самоцелно. Напротив, и во сцените на насилство, убиства и експлицитност, режисерскиот пристап успева да задржи одредена естетска и суштинска оправданост, претворајќи ги во дел од поширокиот емотивен и уметнички израз на претставата, што овозможува тие да допрат до гледачот на длабок и значаен начин.
Претстава која со својата комплексност и сценска сила со сигурност се позиционира како сериозен кандидат за повеќе фестивалски награди.
Филип Етмишовски