Кон претставата „Црнила“ по текст на Коле Чашуле а во режија на Дејан Пројковски.
Вториот фестивалски ден на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во официјалната програма се најде претставата на театарот-домаќин, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Режисерот Дејан Пројковски, според најавите пристапува кон текстот на Коле Чашуле не само како историска драма, туку како психолошко-политичка студија за предавството, моралниот распад, стравот и цената на идеолошката заслепеност. Во таа режисерска визија, ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ носи комплексна актерска задача, поддржан од впечатливата сценографија на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска и музиката на Горан Трајковски, кои заеднички создаваат атмосфера на постојана закана, историска тежина и внатрешна човечка драма.
Претставата во значителна мера се потпира на експлицитни сексуални сцени, кои, иако во одредени моменти имаат драматуршка оправданост, во голем дел делуваат претерано и без јасна функција во развојот на дејствието. Нивната зачестеност остава впечаток како режисерот преку ваков пристап да се обидел да ја долови целокупната суровост, страдање и мачење на времето во кое се одвива приказната, но на моменти тоа преминува во визуелна преекспонираност што го одвлекува вниманието од суштината.

Особено се истакнува актерската игра на Сара Спиркоска, која емотивно и уверливо ја носи улогата на Неда Христова, успешно доловувајќи ги страдањата на жените, како и нивната позиција и улога во револуционерните движења од тоа време. Нејзината изведба внесува човечка и емотивна димензија во приказната. Степанулески, пак, доминира со сценското присуство и тежината на својот лик, носејќи силна драмска енергија во претставата. Сепак, во одредени делови од заплетот и расплетот, суровоста и особено чувството на страв се можеби доловени премногу нагласено и директно, а честите експлицитни сцени дополнително придонесуваат претставата на моменти да стане потешка и помачна за следење.
Особено впечатлив и симболички слоевит е самиот крај на претставата. Излегувањето на Волчески со ножеви забодени во грбот силно ја визуелизира идејата за предавството, внатрешните поделби и цената што ја плаќаат поединците во револуционерните процеси. Сликата не останува само во историскиот контекст, туку добива пошироко значење — како метафора за колективните разочарувања, жртви и недовршени идеали.
Силна порака носи појавата на групата деца од современото време, кои ги облекуваат неговите чевли и продолжуваат да чекорат со нив, фотографирајќи се покрај столбовите со портретите на Ѓорче Петров. Овој сценски потег може да се прочита како симбол на наследството што новите генерации го преземаат — свесно или несвесно — но и како критичка забелешка за современиот однос кон историјата: дали навистина ја разбираме тежината на минатото или честопати остануваме само на симболично, површно доближување до него. Иако финалната сцена остава силен визуелен и симболички впечаток, нејзината емоционална тежина можеби ќе беше уште поизразена со поинаков музички избор. Избраната песна на англиски јазик на моменти делува како да ја нарушува атмосферата и историскиот контекст што претставата внимателно го гради до самиот крај. Со посоодветна музичка подлога, поблиска до сензибилитетот и тематската тежина на делото, завршницата можеше да добие уште помоќен и подлабоко емотивен одек кај публиката.

Особено впечатлива е сценографијата на Валентин Светозарев, каде крстовите и чевлите симболично асоцираат на жртвата на предадените и загинатите за Македонија. Силен визуелен ефект остава и самиот крај, кога столбовите се вртат, откривајќи низа портрети на Ѓорче Петров — момент што успешно ја заокружува емоционалната и симболичката димензија на претставата.
Од друга страна, делови од костимографијата на Пупучевска — без разлика дали како авторска одлука или резултат на можностите на театарскиот фундус — на моменти создаваат временска дислокација, како дејствието да е префрлено неколку децении подоцна. Наместо револуционери и комити, во одредени сцени впечатокот е поблизок до визуелниот идентитет на партизани. Дополнително, рачните часовници што ги носат дел од актерите делуваат несвојствени за времето и околностите на дејствието, внесувајќи современ визуелен елемент што ја нарушува историската убедливост. Во симболичка смисла, тие може да се читаат како ненамерен знак на современото „мерење“ и контрола на времето во наратив што инаку се стреми кон историска автентичност, но во контекст на сценската целина повеќе функционираат како анахронија отколку како свесен режисерски код.
„Црнила“ во режија на Дејан Пројковски е претстава што несомнено остава впечаток, отворајќи простор за размислување и дебата долго по спуштањето на завесата. Со неколку силни актерски изведби, впечатлива сценографија и визуелно моќни сценски решенија, претставата успешно ја доловува тежината на историскиот миг и човечките последици од идеолошките судири. И покрај одредени режисерски и естетски избори кои на моменти можат да делуваат претерано или дискутабилно, особено во однос на експлицитноста, „Црнила“ останува храбра и амбициозна постановка што не остава рамнодушен гледач. И е во согласност со овогодинешното фестивалско мото и концептот на фестивалот. А претстава успева и повторно да актуелизира важни прашања за предавството, жртвата, меморијата и односот кон историското наследство.
Филип Етмишовски