Актерот од Македонскиот народен театар Владо Јовановски објави дека по долгогодишна пауза бил на чекор повторно да заигра во долгометражен игран филм, но проектот пропаднал поради недостиг на финансиски средства.
„После долги години апстиненција, за малку ќе заиграв на филм. Што би се рекло, за т’нко влакно. Да не му се верува на човек, требаше да одиграм главна улога во долгометражен игран филм. Но, тоа е тоа. ‘Требаше’ е минато свршено време. А бев на чекор до улогата. На продукцијата ѝ недостасуваа уште само 650.000 евра. Предложив да се откажеме од хонорарите. Пак не бива. Тие се толку бедни, што зафаќаат многу мала ставка во буџетот на филмот.“ – објави Јовановски.
Објавата на Јовановски временски се совпаѓа со одлуката на режисерот Јани Бојаџи да се откаже од добиените средства за снимање на филмот „Татко“.
„Изгледа пак ќе треба да се посветам на земјоделие. Барем во земјоделието си на чисто. Што ќе посееш, тоа ќе жнееш! До душа зависиш од временските прилики или неприлики, ама тоа е почесно, оти под Бога сме. А во филмот што? Сеев жито, а жнеам трње! А не дека толку многу ми се снима, само сакав да проверам дали сум го заборавил тој занает или е како со вештината на возење точак“, напиша тој.
Сепак, во коментар под објавата на Јовановски, режисерот Бојаџи вели дека филмот сепак ќе се снима.
„Ќе го снимиме! Ќе бидеш Татко на филм! Им се допаѓало тоа или не?! Голема сила победивме, овие се мравки за нас. Ќе ги победиме и овие!“