На 4 јуни премиера на „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Трибека во Њујорк

Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, ќе ја доживее светската премиера на фестивалот Трибека во Њујорк на 4 јуни. Филмот ќе има по една проекција и во наредните два дена.

Фестивалот што ќе се одржи од 3 до 14 јуни во срцето на Менхетн. Ова е еден од најзначајните филмски фестивали во САД, каде еден од основачите е Роберт Де Ниро. Истиот настана како културен одговор на нападите од 11 септември. Препознатлив е по современиот независен филм, нови авторски гласови и силна врска со њујоршката филмска индустрија.

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума, е селектиран во категоријата International Narrative Competition, која е главна меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот и го позиционира филмот пред њујоршката публика, меѓународната филмска јавност и индустрискиот круг на селектори. На премиерата ќе присуствуваат: Дина Дума, Симонида Селимовиќ, Лабина Митевска, Вања Сремац и др.

Зад приказната за Адела, главната хероина во филмот, стои слика што Дума ја забележала во Скопје: девојче со скејтборд, облечено во традиционални шалвари, момент во кој се судираат детската слобода и наследените правила.  Филмот не ја користи приказната за Адела како симбол, туку отвора жив, комплексен свет. Изграден одблизу, преку работа со заедницата во Шуто Оризари, реални локации и непрофесионални актери,

Ова е втор игран филм на Дина Дума која со својот прв филм, „Сестри” имаше извонреден успех бидејќи беше избран од страна на најголемата платформа за филмови Нетфликс. „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Еуримаж“, Creative Europe MEDIA и национални и регионални фондови од земјите-копродуценти.