Култниот српски режисер Срѓан Драгојевиќ, познат по филмовите „Ми нисмо анџели“, „Лепа села, лепо горе“, „Ране“ и „Парада“ во август започнува со снимање на филмот „Осми март“.
„Наскоро почнувам со подготовки за филмот, снимањето почнува на почетокот на август. Од некое ирационално суеверие, не сакам премногу да зборувам за тоа. Ја штедам енергијата за снимање, љубоморно. Накратко, тоа е приказна што многу ме инспирира, за прв пат мојот главен лик е жена и ја игра големата актерка Ксенија Маринковиќ. Другата главна улога ја игра Бојана Новаковиќ, исто така прекрасна уметница, но и личност која толку жестоко се бори против Рио Тинто. И покрај фактот што бевме одбиени од еден европски фонд со образложение дека „маж на средна возраст не може да режира филм за жена“, мислам дека ќе успеам. Со големо чувство на одговорност, се разбира.“
Филмот е по сценарио на македонската писателка Румена Бужаровска работено заедно со Драгојевиќ.
„Скромната професорка по педагогија Весна (50) станува случајна медиумска ѕвезда кога, во алкохолизирана состојба, се согласува да одржи говор на студентски протест во кој учествува и нејзиниот син. Виралните видеа привлекуваат големо внимание од јавноста, па затоа таа е прогласена за една од „моќните жени“ од страна на американската амбасада и добива покана да учествува во настап во резиденцијата на амбасадорот за време на прославата на 8 март, за општествената и политичката елита на нејзината земја.“- се вели во синопсисот.
Драгојевиќ заедно со „Осми март“ има вкупно три филмови во предпродукција.
„Имам средства за три филма! Најважни се „Шкартови“, тоа е последниот дел од мојата трилогија со „Лепа села, лепо горе“ и „Ране“. Тука, мојата продуцентка Билјана Првановиќ „умре“ за да аплицира во бројни фондови во регионот и Европа. Таа аплицираше во единаесет фондови, ние победивме во осум земји. За „Парада“ во шест, за „Небеса“ во седум. Сега, осум земји, а не сме стигнале ни до осумдесет проценти од буџетот. Сите ги намалија субвенциите за копродукции, но веќе им даваат на своите автори милион евра по филм! И што сега? Ќе снимаме, секако. Како полустудент, за 35 дена го снимив мојот прв филм „Ми нисмо анџели“ а за 45 дена, „Лепа села, лепо горе “ за 78 дена.