Битола се подготвува за најмасовната детска трка во Македонија

На 13 јуни, по четврти пат, “Мини Трчај бе“ ќе ги претвори Шеталиштето и Градскиот парк во Битола во сцена за илјадници мали растрчани детски чекори, насмевки, и незаменлива енергија на најмладите жители на градот и деца гости од соседните градови.

Со учесници од 4 до 12 години, „Мини Трчај бе“ денес прераснува во најмасовната и најведрата детска трка во Македонија, а организаторите се надеваат дека годинашното издание повторно ќе ги надмине рекордните бројки од претходните години. Под слоганот „Градот во детски режим“, овогодинешната кампања носи целосно нов визуелен идентитет, како и бројни новини и изненадувања за учесниците, со јасна цел што повеќе деца да се тргнат од пред мобилните телефони и повторно да се вратат на играта, движењето и вистинската убавина да се биде дете.

„Децата природно трчаат. Тоа е нивниот најискрен начин на движење и игра. Наша задача е да создадеме простор каде што таа енергија ќе расте. Битола и атлетиката отсекогаш биле поврзани на многу начини, а оваа трка е мал расадник на идни спортисти, но и на генерации кои ќе учат да живеат активно и здраво,“ велат организаторите.

Тие додаваат дека ретко кој град има привилегија да поседува ваква комбинација од парк, шеталиште и атмосфера на убав град, што овозможува „Мини Трчај бе“ да биде многу повеќе од спортски настан, вистински фестивал за деца и семејства.

„Мини Трчај бе“ и оваа година ќе има и хуман карактер. Дел од средствата од котизациите ќе бидат наменети за набавка на спортска опрема за битолските училишта, а донацијата ќе биде реализирана во деновите пред да се одржи трката. Ќе бидат исто така донирани и стартнини за деца од семејства кои припаѓаат на категоријата ранливи групи.

Пријавите за „Мини Трчај бе“ 2026 се веќе отворени, а сите информации се достапни на официјалните канали на „Трчај бе“.