Се снима „Снешко“ – нов македонски филм за деца и млади на Стојан Вујичиќ

„Снешко“ е драма за едно тинејџерско созревање со елементи на фантазија. Лили (16) живее на остров, кадешто никогаш не снежи. Таа е математички гениј — интровертна, оригинална, неприфатена од средината. Таа ја носи со себе сликата на татко си — морнарот кого морнарите го нарекуваат Капетан Снешко, насекаде: присутен во нејзиниот ум, жив во нејзините мисли, водечки.

Кога Тајното математичко здружение ја избира да се натпреварува со четири математички гении во средновековниот Castello di Verrès во Италија, Лили за прв пат го напушта сончевиот остров и добива шанса да го види снегот за кој отсекогаш сонува. За да победи на натпреварот, мора да направи нешто поголемо од математика. И тоа е единствената задача за која таа нема формула.

Филмот го режира Стојан Вујичиќ, чиј опус вклучува играни и документарни филмови, прикажани и наградени на домашни и меѓународни фестивали. Автор е на Стела (2021), првиот македонски долгометражен игран филм за деца. Дена Вујичиќ учествува во продукцијата и како негов креативен соработник.

Сценариото го потпишуваат Стојан Вујичиќ во соработка со Александар Русјаков како и Дена Вујичиќ (19), која е вклучена во проектот како нивен креативен соработник — таа го носи во процесот на она, за коешто не постои замена: перспективата одвнатре.

„Овој филм е дел од едно чувство кое не бледнее со годините. Чувство дека во еден момент животот ненадејно се менува — без предупредување, без образложение — и дека од тој момент низ животот си оставен сам да го преведуваш она што се случило во смисла, во логика, во живот. Снешкото е симбол на нешто чисто, среќно и поставено со прецизна функција во филмот. Ништо не е случајно, ништо не е декоративно“, вели – Стојан Вујичиќ, режисер.

Во главните улоги настапуваат: Ирина Апелгрин, Христијан Ристевски, Тони Наумовски, Даниела Ивановска, Симеон Дамевски, Тони Михајловски и др. Кинематографер на филмот е Дејан Димески, костимограф е Гео Павлов, сценограф е Влатко Зафирковски, автори на
шминката се Магдалена Бојаџиева и Снежана Ангеловска Живковска, а Продуцент е Огнен Антов.

„Снешко“ е меѓународна копродукција на „Дрим Фектори“ (Македонија) со партнерски продукциски куќи од Хрватска („Sekvenca“), Италија(„The Box film“), Бугарија („Samsara“) и Албанија(„Papadimitri film production“).

Продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм на Република С. Македонија, и националните фондови на државите.