10 претстави во официјалната конкуренција на јубилејниот „Војдан Чернодрински“

Уметничка директорка на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, Ана Стојаноска денеска на прес-конференција во Прилеп ја објави и образложи официјалната и придружната програма на јубилејното 60. издание на овој фестивал.

  1. „Амадеус“ – НУ Турски театар – Скопје – режија Андреј Цветановски
  2. „“Едмонд“ – Народен театар – Битола – режија Оливер Мицевски
  3. „Ивона, Принцеза од Бургунд“ – НУ Театае Комедија – Скопје – режија Билјана Радиноска
  4. „Калигула“ – Народен театар Куманово – режија Ѓорги Ризески
  5. „Мачкина глава“ Драмски театар – Скопје – режија Дејан Пројковски
  6. „Носорози“ – НУ Албански театар – Скопје – режија Васил Василев
  7. „Случајната смрт на еден анархист“ – Народен театар – Штип – режија Ивана Ангеловска
  8. „Страв и надеж“ – Македонски народен театар – режија Татјана Мандиќ – Ригонат
  9. „Црнила“ – Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп – режија Дејан Пројковски
  10. „Челинџ“ – Театар за деца и младинци – Скопје – режија Јане Спасов

-„Од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и независната продукција, како главна одлика се гледа дека доминираат мал број режисерски имиња, квазикомедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна веќе излитени драми. Недостига поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, а особено претстави кои сериозно би ја поставиле македонската драма во современ контекст. Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак, недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст.“- вели Стојаноска

Во придружната програма на фестивалот публиката ќе ги погледне: „Вилицата на Ибен Бајерс“ на Театар „Штрих“, „Драга Јелена Сергеевна“ во продукција на ФДУ и МНТ, „Невиност“ – дипломска претстава на класата на професорката Зоја Бузалкоска и „Сина сенка“ на Театар „Златен елец“.

За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.