КИЦ Битола ја презема организацијата на Бит Фест: Наскоро ќе има повик за учество

Јавната општинска установа Културен и информативен центар – Битола од оваа година ја презема организацијата на познатиот Бит Фест од својот основач Општина Битола, соопшти денеска градоначалникот Тони Коњановски.

„Оваа година Културно-информативниот центар комплетно ќе ја превземе организацијата на Битолското културно лето – Бит Фест, кој ќе се одржи по 18 пат. Повикот ќе биде организиран преку Културно-информативниот центар. Посакувам успешен фестивал на задоволство на Битола, битолчани и околните градови.“

Директорот на КИЦ – Битола, Димитар Михајловски ги повика сите културни работници да се пријават на престојниот конкурс.

„Во наредниот период ќе следи повик за содржините кои ќе бидат понудени а по нивната селекција ние ќе ја објавиме целата програма. Сакам да ги привлечиме сите културни работници и здруженија и сите се добродојдени да направиме добар фестивал и да понудиме голема културно-уметничка програма од сите сфери на културата.“