Вчера на 27. издание на Интернационалниот фестивал од монодрама се одиграа две претстави.
На Нова сцена, се играше монодрама „Луксуз. Изгубена во страст“ од Италија, во изведба на актерката Каролин Пагани, која заедно со Филипо Бруски ја потпишува и режијата.
На Бар-сцена се одигра „Внатре“ од Ерменија во изведба на Наира Једигарјан од Ерменија, која исто така е режисер на монодрамата.
Претходно во текот на денот во КИЦ Битола своја работилница имаше Дени Денис од Данска. Инспиративната работилница „Љубов, лаги и осаменост – GRS MS биомеханика“, на учесниците им понуди поинаков пристап кон актерската игра, телесниот израз и сценското присуство. Тој преку практични вежби и интерактивна работа ги запозна учесниците со принципите на биомеханиката и начинот на кој телото станува главен инструмент на актерот на сцената.

Денеска (28.04) на програмата се монодрама „Кваркваре“ од Грузија на Голема сцена од 18.30 часот. На Нова сцена од 20.00 часот е „Цвеќе за Алегернон“ од Ерменија, а на Бар-сцена во 21.30 часот е „Џеки“ во продукција на Драмски театар – Скопје во изведба на Трајанка Илиева – Вељиќ