Струмичкиот театар ќе има динамична и богата пролетна и летна агенда исполнета со значајни фестивалски учества и гостувања.
Тие на 23 април со монодрамата „Кротка“ од Ф. М. Достоевски, во режија на Дејан Ангелов, а во изведба на Стојан Велков-Трн ќе учествуваат на МТФ „Solo Act“ во Габрово, Република Бугарија.
На 11 мај, претставата „Деца на светот“ од Стефан Цанев, во режија на Васил Михаил, ќе биде дел од програмата на фестивалот „Друмеви театарски празници“ во Шумен, Република Бугарија.
На 18 јуни, со претставата „Мизантроп“ од Молиер, во режија на Дамјан Тенев, театарот ќе учествува на фестивалот „Нови отворени сцени“ во Стара Загора, Република Бугарија.
За следниот месец е закажано и гостување во Скопје, и тоа на 20 мај, претставата „Синот“ од Флоријан Зелер, во режија на Благој Мицевски, ќе гостува во Драмски театар, по повод одбележувањето 80 години од постоењето на Драмски театар.