Битола се сеќава на Тихомир Јанчовски. А UTOPIA, местото каде што тој минатата година настапи, пред прерано да не напушти, ја носи таа меморија понатаму. Некои автори заминуваат. Но некои текстови одбиваат да завршат.
Затоа на 22 април, во 20.00ч во простор каде што минатата година Тихо стоеше, зборуваше и беше дел од нашата сцена, ќе се одигра „Лидија или сè што знам за жените“ експериментална документарна монодрама родена од неговиот текст.
Ова не е класична претстава. Нема сигурна форма. Нема повторување. Секое изведување е ново читање. Нов ризик. Нова вистина. И токму затоа оваа изведба има тежина што не може да се реплицира.
Ова ќе биде осма изведба во осум години. Прва што се игра без авторот во публиката. И прва што се игра со јасна свест дека текстот сега носи и нешто повеќе…сеќавање, отсутност и потреба да не замолчи.
Актерот Игор Трпчески ја носи оваа приказна сам, на сцена. Со музиката на Тони Миќевиќ.
Битола му дава почит. UTOPIA му дава простор. А претставата му дава глас уште еднаш.