27. издание на Фестивалот на монодрама во Битола ќе се затвори со претставата „Гидионовиот јазол“ во продукција на Драмски театар од Скопје.
Се работи за моќна драмска приказна за вината, одговорноста, тагата и сложените односи во комуникацијата меѓу родителите, наставниците и децата, која отвора чувствителни прашања за состојбите во образовниот систем, врсничкото насилство, осаменоста и притисокот на современото општество.
Дејството се одвива низ интензивна училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, која се случува по трагичен настан. Преку деликатен, емотивно исполнет и напнат дијалог се отвораат прашања за детската креативност, слободата на изразување, улогата на уметноста, но и за одговорноста на наставниците и родителите. Во текот на разговорот постепено се разоткрива длабоката болка што стои зад настанот, додека вистината и можната вина почнуваат да излегуваат на површина.
Улогите ги играат: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ.
Свеченото затворање е на 29 април од 20 часот во НУ Народен театар – Битола