Телевизиската серија во развој, „Мала Југославија“ во режија на Теона Стругар Митевска е селектирана во овогодинешното издание на „CineLink Drama“, водечка програма на „CineLink Industry Days“ на Сараевскиот филмски фестивал. Се работи за програма посветена на поддршка на драмски серии во развој односно седум ветувачки проекти од Југоисточна Европа.
„Мала Југославија“ се одвива во морничав, постсоцијалистички станбен комплекс каде што жителите исчезнуваат без трага, а две вампирски кралици – мајка и ќерка зависнички од дрога, обете над 50 години – се на мисија да го прочистат светот.
Митевска, која ја замисли серијата од осум епизоди, претходно изјави за Variety дека станува сè пофрустрирана од ТВ сериите од балканскиот регион и сака „да создаде нешто што би го гледала, нешто острo, фанки, ослободувачки и забавно“.
Сценариото е дело на Митевска и словенечката режисерка Соња Просенц. Која била привлечена од „панк-рок енергијата“ на концептот и брзо се вклучила.
„Навистина чувствував дека треба да направиме нешто заедно, да ја потресеме сцената во оваа област на регионални квалитетни серии. Чувствувавме дека недостасуваат серии што се фокусираат на женски протагонисти – жени како неа и мене кои се со недостатоци, жени кои не се совршени и кои се осмелуваат да бидат вакви.“ – вели Просенц.
Серијата ќе ја продуцира Лабина Митевска преку нејзината продуцентска компанија „Sisters and Brothers Mitevski“, во копродукција со „Entre chien et loup“ од Белгија. Теона Митевска и Просенц ја поминаа изминатата година развивајќи ја серијата преку фондот „Going European“ на францускиот CNC, програма за обука дизајнирана за автори вклучени во ко-пишување меѓународни серии, и ќе бараат емитувачи и претпродажба за време на Деновите на индустријата „CineLink“.