Игор Џамбазов во Прилеп пееше во чест на Џумерко и старите пријатели

Игор Џамбазов вчера по 28 години пауза одржа свој солистички концерт на сцената на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

„Вечерва ќе пееме за нашите работи, нашите проблеми, нашите идеи, соништа и љубови“ – кажа Игор на почетокот на концертот.

Тој во придружба на Гуру Харе бенд ги изведе своите бројни хитови: „Да си жив и здрав”, „Скопје-Сарај-Матка”, „Време за плачење”, „Хотел Македонија”, „Фотографија”, „Во бестрага” а изведуваше и како што вели „кавер“ верзии на култните „Роулинг стоунс“ и „Клеш“.

Џамбазов на оваа сцена последно имал концерт во февруари 1998 година а многу пати претходно и потоа настапувал на театарски гостувања и театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Тој вчера се присети на последниот сценски настап со претставата „12“ минатата година, а на истата сцена и фестивал бил награден во 1989 и 1990 година со наградата „Димче Трајковски” за најдобар млад глумец и наградата за најдобро глумечко остварување за улогата во претставата „Црна” на Театар Куманово.

Тој не ги заборави и своите бројни пријатели и за него особено важни прилепчани како Кирил Ристоски, Благоја Ристевски – Платнар, неговата филмска мајка Нада Гешоска а за со Благоја Спиркоски – Џумерко сподели неколку анегдоти од бројните дружења. Игор во негова чест ја отпеаа и „Ако умрам ил загинам“ со која воедно ја поздрави и ќерката на Џумерко, актерката Марија Спиркоска која беше во публиката.

Игор кој е првенец на Македонскиот народен театар, симболично со блуза од Глоуб театар испрати и порака до градоначалникот на Прилеп да се заложи за обновата на Прилепски театар.

„Глумци без театар е како градинка без деца“ – рече тој.

Па вети дека тој и Гуру Харе први ќе запеаат во новиот Прилепски театар, што наиде на аплауз и поддршка од публиката, помеѓу кои беа и прилепските колеги на Игор.

Освен театарските колеги, Џамбазов му оддаде почит и на првиот македонски блуз состав „Crossroad Blues Band“ и со песната „Жена ми не сака блуз“ се присети на основачот и вокал на овој бенд Александар Дворчанец – Сале кој почина во 2018 година.

Концертот е во рамки на овогодинешното издание на С.О.С. фестивалот кој оваа година започнува од Прилеп.