Со изведба на хитот „Доживотно“ на Елена Ристеска синоќа во хотелот „Александар Палас“ се отвори Beauty Expo Skopje.
Водител на свечното отворање беше Снеже Велков а на Елена при крајот на изведбата и се придружи и македонската претставничка на Детска Евровизија 2025, Нела Манческа.
Се работи за голем изложбено-продажен саем за козметика, убавина и нега, а кој ќе трае од 3 до 5 април во хотел „Александар Палас“ – Скопје, на површина од 2.000 м². Во текот на трите саемски дена, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со понудата на околу 50 изложувачи, меѓу кои и некои од најголемите и највлијателни компании од светот на козметиката и beauty индустријата.
Саемот е наменет и за пошироката публика и за професионалците од секторот за убавина. Покрај презентацијата на новитетите, посетителите ќе имаат можност и за директно купување на производи по специјални саемски цени. Работното време е петок од 18 до 22 часот, додека сабота и недела од 10 до 20 часот.