„Прстен за неа“, една од најпознатите нумери на Сефедин Бајрамов го доби својот видео спот. И тоа изработен со вештачка интелигенција. Спотот е дело на Томи Димовски а идејата наиде на поддршка на авторите Валентин Соклевски и Миодраг Неќак.

„Јас првично бев воздржан за идејата но спотот е нешто натпросечно и врвно. Се работи за вештачка интелигенција што е чекор во новото време и новиот век, каде што ние возрасните не сме доволно инволвирани и едуцирани.“ – вели Сефедин.
Спотот бил првично наменет како изненадување на Сефедин за неговиот голем концерт кој се одржа на 12 февруари во Центарот за култура – Битола. Но поради уникатноста на проектот било одлучено истиот да добие посебно внимание.
„Инспирацијата ми е најголемата љубов, а тоа е Битола. При изработка на спотот одев до детали така што се е староградско и старобитолско. Дури фустанот на девојката во спотот е оној истиот кој е изложен во битолскиот музеј. Ќе ги препознаете куќата во која се одвива дејствието, градската соба во музејот, некогашниот хотел „Ориент“, старата влашка црква „Свети Константин и Елена“, Пекмез пазар и многу други локации кои будат носталгија и сеќавања кај постарите.“ – вели Димовски.
Авторот на текстот, Валентин Соклевски кој е долгогодишен пријател и творечки тандем со Бајрамов истакна:
„Среќен сум што голем број на мои композиции токму тој ги исполна и пренесе на публиката. Јас секогаш велам песната е како дете има свои родители но доаѓа одреден период кога детето т.е. песната ја предаваш на друг односно на интерпретаторот. Песната е како птица, лета секаде и може да влезе во душите на многу луѓе и таму да си направи гнездо“.