Почина режисерот Оливер Мицевски

На 46 години по кратко боледување почина македонскиот театарски режисер Оливер Мицевски, сподели НУ Народен театар – Битола каде Мицевски последно режираше.

„Народниот театар Битола изразува искрено сочувство до семејството на прерано починатиот режисер и наш соработник, Оливер Мицевски. Оливер Мицевски ќе остане запаметен како режисер на претставата „Едмонд“, која остави силен белег на сцената на Народен театар Битола. Неговата посветеност, креативност и уметничка визија ќе продолжат да живеат преку неговите дела. Нека почива во мир.“ – објави Битолски театар.

Мицевски живееше во Лондон, а минатата година по 14 години пауза во Битолски театар ја постави претставата „Едмонд“ по текст на Дејвид Мемет.

Оливер Мицевски дипломирал театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Слободан Унковски. Во 2009 година добил стипендија од норвешката влада за специјализација на тема за Хенрик Ибзен, во Центарот Ибзен, на Универзитетот во Осло. Во меѓувреме, се преселил во Будимпешта, каде го основал независниот „Театар на покривот“.