„Најтешко беше да се најде Фреди“ – мјузикл инспириран од култните Queen во Битола

Битолскиот оркестар DIVA денеска на прес конференција го најави својот најнов проект, мјузикл инспириран од култните Queen – „Freddie The QUEEN“. Ова е проект кој носи уникатен спој на музика, театар и силна емоција, инспириран од животот, енергијата и уметничкиот дух на еден од најголемите музички икони на сите времиња. А ќе биде сценско доживување што ја брише границата помеѓу концерт и театар.

„Оваа моја идеја е од одамна но не можев да го пронајдам вистинскиот Фреди, кој ќе го долови сценски а и самите песни се тешки за пеење. Најтешко беше да се најде Фреди па дури на еден концерт каде што ја изведувавме песната „I want to break free“, сфатив дека Бојан е вистинскиот.“ – вели Владимир Димовски, диригент, продуцент и оркестратор на мјузиклот.

Автор на сценариото е Димитар Захариевски, кој покрај како сценарист се јавува и во улогата на Брајан Меј.

„Се одлучивме ова да биде биографска приказна за Фреди која е хронолошка. Сепак не сакавме да раскажеме само една биографија туку цел еден живот. Сакавме да прикажеме што тоа значело и значи за музиката.“ – објаснува авторот на сценариото Димитар Захариевски.

Улогите на славните членови на Queen ги играат: Бојан Стојков како Фреди Меркјури, Димитар Захариевски како Брајан Меј, Никола Пројчевски како Џон Дикон, Теона Крстеска како Мери Остин и Никола Стефанов како Роџер Тејлор.

„Ова не е само улога за мене, истовремено е и голема одговорност. Во мјузиклот се обидувам да ја пренесам неговата енергија, слобода и храброста која ја имаше. Храброст да биде она што беше. “ – потенцираше Бојан Стојков кој го игра Фреди Меркјури.

„Јас би го нарекол ова едно спектакл шоу кое полно со многу емоција освен што е полно со многу музика.“ – поентираше Пројчевски.

Мјузиклот ќе се изведе на 30 март во Центарот за култура – Битола со почеток во 20 часот.