Претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ на Народниот театар – Битола вчера ја имаше својата 30. и последна изведба. Претставата во режија на Марјан Георгиевски, во која играат тој и Александар Копања беше работена по делото „Мост“ од Лорен Ван Велтер.
Ова воедно беше и првата театарска претстава премиерно изведена во пандемијата, со премиера на 19 февруари 2021 година. По строги ковид протоколи, маски, ограничен број публика и на дистанца.
„За време на Корона имавме премиера на оваа претстава. Во едно налудничаво време кога се плашевме за нашите животи и што ќе се случува со нас. Со колегата Александар Копања решивме да влеземе во еден тежок процес на правење на претстава која се занимава со ваква тематика. А можеби и самата атмосфера беше таква. При крајот на февруари ние први во Македонија имавме премиера на претстава со дваесетина луѓе на дистанца и со маски. За нас значеше премногу тоа.“ – истакна Георгиевски.
Интересен куриозитет сподели и Народниот театар – Битола.
Имено токму вчера, додека се спушта завесата за оваа претстава, актерите од театарот ја одржаа првата проба за нов проект, повторно во режија на Георгиевски. А интересно е и што токму на овој датум, 4 март 2019 година, се одигра последната 100. изведба на претставата „Без паника“, каде што на сцената заедно како и сега, настапуваа истите актери: Марјан Георгиевски и Александар Копања.