По повод новата премиера „Пинокио“ од Карло Колоди, денес се одржа прес-конференцијата во Битолскиот театар. Се работи за приказна што и по повеќе од еден век нè потсетува дека патот до тоа да станеш „вистински“ минува низ искушенија, грешки и храброст.
„Мислам дека имаме уште еден голем спектакл во којшто вложивме многу средства, народни пари од страна на Министерството за култура и мислам дека целосно ја оправдавме посветеноста на работата со деца и за деца, бидејки овој театар е Народен театар и овој театар треба да создава што е можно повеќе поквалитетни, поспектакуларни претстави. А Пинокио е пример за тоа како и останатите театри во државата треба да вложуваат и да создаваат театар посветен на децата“. – истакна директорот на Народен театар – Битола, Васко Мавровски.
Режисерот Деан Дамјановски истакна дека последната соработка со Битолкиот театар била пред 5 години на претставата „Сомнително лице“.
„Овој пат направивме една таква синтеза или симбиоза меѓу возрасни, професионални актери и луѓе коишто го сакаат театарот. Некои од нив веројатно и ќе бидат еден ден на овие штици, млади луѓе кои безрезервно се втурнаа во оваа наша авантура. Можам да кажам дека процесот на работа беше доста интересен, пред се интересен и мислам дека со екипата многу добро се сработивме. Претставата носи една интересна порака за изборите кои ги правиме во животот, за тоа дека секогаш, секојдневно сме поставени пред некакви избори и дека некогаш правиме погрешни избори, но никогаш не е доцна човек да се врати на вистинскиот пат“.
Пред точно 30 години, во 1996 година актерката-првенец Валентина Грамосли беше Пинокио во постановката на Љупчо Ѓоргиевски. А овој пат улогата на Пинокио ја игра актерот Никола Стефанов.
„Мислам дека оваа улога е нешто што ќе ми остави длабока трага во мојот актерски живот. За мене Пинокио не е кукла која станува момче, туку е совест која станува гласна. Мислам дека преку Пинокио децата ќе добијат поракат дека со пократкиот пат во животот е искреноста, смелоста, а доколку се занимаваат со поинакви или како да речам лоши работи, патот знае да стане подолг. Направивме забавна и поучна претстава која ќе биде интересна и за млади и за стари“. – истакна Никола Стефанов.
Грамосли која беше Пинокио од пред 30 години, во оваа постановка го игра Штурецот.
„Пред триесет години бев Пинокио, а сега Штурецот. Пред триесет години бев една наивна кукла која што оживува и е втурната во животот, а сега Штурецот, којшто треба таа кукла да ја води. И навистина е многу тешко да се биде совест на една дрвена кукла, во смисла, тешко е да се биде совест на едно дете кое што не е расипано, туку е чисто и влегува во животот. Како што кажавме, како што веќе спомнаа, многу е важно да се избере точно. Доколку секој од нас во животот има еден штурец кој што ќе биде негова совест, мислам дека животот и светот ќе биде многу, многу подобар“.
Покрај нив во претставата се и: Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски.
Во претставата играат и децата од театарска школа „Бабец“: Софија Наумовска, Ана Ангелевска, Веда Мавровска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана, Марија Каранфиловска, Лина Христовска, Војдан Мавровски и Николај Илијевски. Тие се дел од целиот процес – од првата проба до денес – растејќи заедно со приказната и внесувајќи ѝ искрена детска енергија што не може да се одглуми, туку само да се живее.
Официјално беше најавена и соработката со добро познатиот македонски илустратор Михајло Димитриевски, кој оваа година се потпишува зад дизајнот на рекламниот материјал и визуелниот идентитет на претставата, како и зад уникатниот дизајн на билетите. Со неговиот препознатлив стил, „Пинокио“ добива дополнителна визуелна магија уште пред да се крене завесата.