МНТ со „Бог на колежот“ гостува во Прилеп

На 28 февруари (сабота) и на 1 Март (недела) од 20.00 часот во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде изведена претставата „Бог на колежот“ на Македонскиот Народен Театар.

Претставата е работена по мотивите на „God of Carnage“ на Јасмина Реза, а во адаптација и режија на Весна Петрушевска. Станува збор за еден од најпоставуваните текстови на Реза, напишан во 2006 година, за кој добива и многубројни награди. Режисерката Петрушевска го одбира овој текст на оваа брутално црна комедија, која безмилосно ја разобличува современата елита, притоа користејќи иронија и сарказам за да предупреди на дволичноста на човечката природа. Текстот изобилува со брилијантни дијалози и извонредна веродостојност на ликовите на два брачни пара кои ги играат: Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Наталија Теодосиевa, а кавгата меѓу двете момчиња е причината родителите да ја преземат контролата врз нивните односи. Односите стануваат сè понапнати, ситуацијата ескалира и се претвора во меѓусебни обвинувања и општо пресметување во се поголеми размери. Паровите водат психолошка војна, а на виделина излегуваат и долго скриените несогласувања во двата брака.

Влезниците за претставата по цена од 300 денари се во продажба од денес на билетарницата од Центарот и ќе се продаваат секој работен ден од 11 до 13 .00 часот и од 18 до 20.00 часот и во сабота од 11 до 14.00 ч.