Екипата на македонскиот филм „17“ на црвениот тепих на Берлинале

Македонскиот игран филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ, ја доживеа својата Светска премиера во рамките на 76. издание на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот – Меѓународниот Филмски Фестивал во Берлин.

Проекцијата се одржа вчера во Киното „Блумакс“ (Bluemax Theater) во рамки на официјалната компетитивна програма „Перспективи“.

Во Берлин, пред големото платно филмот го претставија: режисерката Косарa Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска и продуцентот Томи Салковски. А на црвениот тепих и проекцијата беа и ко-сценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Пограчник, монтажерот Владимир Павловски, продажната агентка Беренис Вeнсан, актерите Жаклина Стефковска Дрнасин, Ана Стојановска, Ева Стојчевска, Даме Јовески, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Алина Христовска, како и членовите од екипата Дејан Крајчевски, Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски.

Ова е првиот дебитантски македонски игран филм кој во изминатите 26 години се натпреварува за награда во официјална компетиција на еден од големата тројка светски филмски фестивали: Берлин, Кан, Венеција. Филмот„17“ ќе се натпреварува за наградата Најдобар дебитантски филм (GWFFBest First Feature Award), која е етаблирана во 2006 година и со која Берлинале дава уште посилна поддршка на новата генерација филмски автори. Годинава, членови на тричленото жири кое ги оценува филмовите во оваа селекција се: Софија Алауи (Sofia Alaoui) – сценаристка и режисерка од Мароко, Фредерик Хамбалек (Frédéric Hambalek) – режисер и сценарист од Германија и Дорота Лех (Dorota Lech)- директорка на Меѓународниот филмски фестивал „Нови хоризонти“. Тие, со нивното искуство и досегашен придонес во светската кинематографија треба да го стават на пиедестал најдобриот талент од конкуренцијата.

Голема поддршка за филмската екипа е и присуството на Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и на Директорот на Агенцијата за филм на РСМ, Сашко Мицевски.

Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Продуцент на филмот е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем Филмс“ од Франција.