Народен театар – Битола ја најави својата прва премиера за 2026 година. На 19 февруари своја премиера ќе има праизведбата на „Пламенка“ по истоимениот роман на Петре Димовски, а во режија на Софија Ристевска – Петрушева.
„За мене авторот Петре Димовски, е еден од најголемите македонски автори, голем романсиер, исклучителен раскажувач, кој целиот свој животен век и цело свое пишано дело го посветил на луѓето од битолскиот крај, на битолската жена, на трагедиите што се случувале во нашиот крај, на војните, на преживувањето на нашето население. Неговите приказни се исклучително емоционални и многу потресни. Мислам дека тоа е исклучително важно да се негуваат живите македонски автори, посебно живите битолски автори.“, изјави режисерката Ристевска.
Драматизацијата на романот ја направи Билјана Крајчевска, која подготвила седум варијанти до вистинската варијанта.
„Како што и ветивме дека акцентот ќе биде на македонските автори на македонската драматургија и на македонските креативци и театарски работници, така и остваруваме.“ – потенцираше директорот Васко Мавровски.
Во претставата играат: Маја Андоновска – Илијевски, Викторија Степановска, Катерина Аневска – Дранговска, Вероника Ефтимова и Валентин Дамчевски. А улогата на Пламенка во претставата ја играат дури три актерки: Вероника Ефтимова, Маја Андоновска – Илијевски и Викторија Степановска – Јанкуловска.
„Пламенка е една претстава во која навистина многу се помачивме да го најдеме правилниот сценски израз. Со оглед на тоа што станува, како што споменавме, драматизација на еден роман, кој што е прилично голем, а ние успеавме да го сведеме на околу 45 страници, во час и десет минути треба да се преживее еден човечки живот, којшто верувајте бил, за една жена, меѓутоа и за луѓето кои што им се случува, за сите тие војни и така натаму, којшто бил прилично тежок. А, можеби сме навикнати во македонската драматургија да слушаме за македонската жена, за нејзината сила, нејзиниот непокор, за трагедиите кои што се случувале. Но, верувајте, Пламенка е само уште едно потсетување дека ние секој, дека секоја фамилија, секој човек има по неколку Пламенки во својот живот“, вели Андоновска – Илијевски која со оваа претстава се присети на приказните од својата баба.
Во претставата играат и два млади актери Валентин Дамчевски и Вероника Ефтимова, на која ова и е прва улога во Битолскиот театар.
„Во мене претставата пробуди многу големи чувства и емоции, тоа што се случувало на нашиот македонски народ, па можам да кажам и на предците. Ми беше чест и задоволство да бидам дел една од Пламенките, мило ми е што учествував во овој процес и се надевам дека ќе имам уште повеќе соработки со моите прекрасни колеги“, вели Вероника.
„За мене Пламенка претставува еден омаж за жената. Беше огромен предизвик, бидејќи јас сум единствено машко во екипата, ова го кажувам од срце, бидејќи јас сум еден огромен феминист и сакам жената да биде на исто ниво со мажот. Процесот го поминувавме премногу емоционално, имавме и смешни моменти. Тука разбравме дека и луѓето и кога биле во војна, понекогаш успеавале да се насмеат. Она што мене ми остави најголем впечаток е внесувањето на законот за колење на кози. Козата е тука прикажана како мајка. Со тоа што таа создава млеко и прераснува во една хероина“, вели Дамчевски.