Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ со заеднички концерт во Битола

По два распродадени концерти во Скопје, на 7 и 8 март, славниот српски пар пејачката Јелена Томашевиќ и актерот Иван Босиљчиќ доаѓаат за концерт во Битола на 9 март.

Томашевиќ во 2018 година а Босиљчиќ во 2023 година одржаа самостојни концерти во Центарот за култура – Битола. А сега, за прв пат во нивните богати кариери, Јелена и Иван ќе застанат заедно на сцената и ќе ја почестат публиката со вечер полна со емоции, музика и незаборавни моменти. Двајцата ја пленат публиката со години: таа со еден од највеличествените вокали на домашната поп сцена, а тој со својот талент и длабоко чувство за поезија и музика, а сега публиката ќе ги види на заеднички концерт по повод Денот на жената.

Во придружба на Симфониски оркестар тие ќе настапат со репертоар кој ќе ги вклучи големите хитови на Јелена: „Јутро“, „Име моје“, „Да ми је да ми се врати“, „Океани“, „Оро“, како и популарните изведби на Иван на стихови од познати поети и евергрин песни што публиката ги обожава „Душо моја“, „Жуте дуње“, „Пукни зоро“, „Циганочка“ итн.

Ќе биде интензивна музичка вечер, врвна продукција и емоции на сцената што ретко се гледаат – комбинација од музика, совршени гласови, глума и шарм што ги носат двајца уметници чие дело се следи со голема почит со години.

Билети  по цена од 1200 денари ќе бидат во продажба од петок во 15:00 часот и тоа онлајн и на билетарницата во Центарот за култура – Битола.