Легендарните „Kraftwerk“ за прв пат со голем open air концерт во Скопје

Ако постои бенд за кој може да се каже истото и да се искористат истите епитети од минатогодишната најава за „Massive Attack“ – бенд и бренд кој е во било кое време пред времето, тоа се без сомнение – „KRAFTWERK“!

Бендот без кој во музиката многу работи немаше да бидат тоа што се: од електро до хип хоп, од техно поп до синт поп, го вклучи Скопје во својата нова „Multimedia 2026″ турнеја со голем open air концерт на 25 јули (сабота), а како локација е избран најубавиот летен простор во градот, Стадион на АРМ!

Електронски визионери, добитници на Grammy Lifetime Achievement Award и членови на Rock & Roll Hall of Fame, „Kraftwerk“ се институција и уметничка сила која засекогаш го смени начинот на кој ја доживуваме музиката, технологијата и live перформансот… и, 50 години подоцна, се’ уште го менува.

Во време кога вештачката интелигенција станува сеприсутен дел од нашето секојдневие, кога сѐ почесто се отвораат прашања за тоа како технологијата нѐ менува и обликува, Скопје ќе го пречека бендот кој прв ја постави дилемата за симбиотската врска помеѓу човекот и технологијата.

Сакале да признаеме или не, после „Битлси“, „Kraftwerk“ можеби се највлијателниот бенд во историјата на поп музиката; нивното влијание одамна ги надмина рамките на електронската музика и се прошири и во други жанрови како хип – хоп, рок, поп…

Безброј артисти ги имаат наведено „Kraftwerk“ како инспирација, меѓу кои „Daft Punk“, Kanye West, „Depeche Mode“ и David Bowie.

Тоа е веројатно така затоа што „Kraftwerk“ се еден од првите бендови кој се има претставено како целосно концептуален проект со унифицирана идеја. „Kraftwerk“ никогаш не биле бенд со концептуален албум – самите „Kraftwerk“ се концепт, проект во кој звукот, визуелниот идентитет, технологијата, идеологијата и live перформансот функционираат како едно кохерентно уметничко дело.

Влезниците ќе бидат во продажба од СРЕДА (28 ЈАНУАРИ) во 10 часот наутро онлајн на avalonbooking.mk и во продажната мрежа на karti.com.mk низ Македонија по следните цени и категории:

Партер – 1.990 денари
Фан пит – 2.990 денари (само 1.000 влезници во продажба).