Дебитантскиот „17“ на Косара Митиќ со светска премиера на Берлинале

Дебитантскиот долгометражен игран филм на Косара Митиќ – „17“ e селектиран во програмата Перспективи на 76. издание на Берлинскиот филмски фестивал. Ова ќе биде светска премиера на филмот а ќе биде во конкуренција заедно со 13 други филмови за Најдобро филмско деби.

Седумнаесетгодишната Сара крие тајна на училишна екскурзија. Кога екскурзијата излегува од контрола и Сара станува сведок на сексуален напад од соученик, таа и девојчето запечатуваат врска што ќе трае засекогаш.

Играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.

Програмата произлезе од наградата за најдобар дебитантски филм на Берлинале, која се доделува во партнерство со GWFF од 2006 година. Жири од тројца ќе одлучи кој од најмногу 14 дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар дебитантски филм – финансирана од GWFF. Овогодинешното издание на Берлинале ќе се одржи од 12 до 22 февруари.