Почина Сенка Велетанлиќ

Југословенската актерка и пејачка Сенка Велетанлиќ почина денес на 89-годишна возраст по тешка болест. Веста за нејзината смрт ја објави нејзиниот син Васил Хаџиманов.

Васил Хаџиманов се прости од својата мајка со трогателни зборови на својот Инстаграм.

„Утрово мојата мајка Сенка Велетанлиќ нè напушти по тешка болест. Замина тивко, достоинствено, во сон, како дама, токму онака како што ѝ доликува. Те сакам, мамо. Ти благодарам, мамо.“ – напиша тој.

Сенка Велетанлиќ е родена на 27 мај 1936 година во Загреб. Почнала да пее во хорот на КУД „Јожа Влаховиќ“, а со нив за прв пат патувала во Париз, Белгија, Италија, а во 1958 година ги направила своите први снимки за Радио Загреб. Дипломирала на Економскиот факултет, но одлучила професионално да се занимава со музика. Во 1960 година, на фестивалот во Опатија, таа ја отпеа песната „Noć bez zvezda“, и така се роди нова пејачка ѕвезда на 1960-тите. На сцената од тоа време, Сенка стана препознатлива по својата елеганција и софистицираност, секогаш професионална, резервирана и темпераментна во својата интерпретација. Во 1963 година, на фестивалот во Опатија, таа ја отпеа „Oprosti volim te“ а во 1968 година „Što me čini sretnom“, наизменично со Јосипа Лисац.

Се омажи за Тихомир Петровиќ и се пресели во Белград. Тој брак не траеше, и во средината на 1960-тите се омажи за својот колега Зафир Хаџиманов. Во 1967 година, Сенка и Зафир го одржаа својот прв рецитал во театарот „Ателје 212“ во Белград, а ТВ Белград за прв пат сними концерт во живо со „лесни ноти“. Во 1972 година, таа ја отпеа „Mi znamo sve“ со нејзината сестра Бисера. Сестрите Велетанлиќ се паметат како легенди на домашните хитови. Подоцна, секоја од нив го пронајде својот пат. Со Зафир има син, Васил Хаџиманов, џез музичар.