Долгометражниот играно-документарен филм „Fiume o morte“ на Игор Безиновиќ ја освои Европската филмска награда во Берлин и беше прогласен за најдобар европски документарен филм во 2025 година.
„Fiume o morte!“ зборува за 16-месечната окупација на Риека пред околу сто години, со осврт на подемот на ултрадесницата во современа Европа.
„Во 1919 година, италијанскиот поет, денди и проповедник на војната Габриеле Д’Анунцио го окупирал градот Фиума. Граѓаните на градот Фиума, денешна Риека, ја раскажуваат и ја реинтерпретираат бизарната приказна за шеснаесетмесечната окупација на нивниот град во брутално фактичко, но пркосно панкерско филмско патување“, се наведува во описот.
„Сакам да ги поздравам Риека, мажите и жените од Риека, и ја посветувам наградата на градот Риека и на сите што учествуваа во овој филм“, рече Безиновиќ и потсети дека минатиот месец во Германија, студентите протестираа против милитаризацијата на Германија, што е фасцинантно и дека се надева дека ова ќе ги охрабри сите европски студенти да се приклучат на тој протест.
„Fiume o morte“ беше номиниран и во категоријата за најдобар европски филм, но таа награда ја доби долгометражниот филм „Sentimental Value“ (копродукција на Норвешка, Франција, Данска, Германија и Шведска) во режија на Јоаким Трир.
По премиерата во Ротердам, каде што ја освои главната награда, филмот отиде на успешна фестивалска турнеја. Многу брзо стана најгледан документарец во хрватските кина, а е и хрватски кандидат за Оскар.