Објавено CD изданието „Guitar sings“ од Влатко Стефановски

Croatia Records го промовираше CD изданието „Guitar sings“ од Влатко Стефановски. Тоа е дел од најзначајниот и амбициозен дискографски проект „Hitmaker – Ѓорѓе Новковиќ“.

Стефановски претставува инструментални верзии на десет евергрини од Ѓорѓе Новковиќ снимени со Кралскиот филхармониски оркестар во легендарното „Abbey Road Studio One“. Кралската филхармонија ја диригираше познатиот диригент и добитник на Греми наградата, Стив Сидвел.

„Многу сум среќен што сум дел од овој проект, да се биде во тој контекст е нешто многу посебно. Добив понуда од „Croatia Records“ да направам 10 инструментални верзии на песни кои се дел од големиот опус на Ѓорѓе Новковиќ и големиот проект „Hitmaker“. Тоа е толку луксузен и амбициозен проект што ја прифатив поканата со големо задоволство“, рече Влатко Стефановски.

Со ова издание Croatia Records дополнително ја проширува приказната за проектот „Hitmaker“ – Ѓорѓе Новковиќ и на публиката ѝ носи ново, интимно и извонредно отсвирено музичко искуство, зад кое стои виртуозот на гитарата Влатко Стефановски.

Проектот е посветен на еден од најзначајните композитори на овие простори и потврдува дека музичкото наследство на Ѓорѓе Новковиќ ја одбележа музичката сцена на овие простори.

Албумот содржи оркестарски верзии на песните „Zora je“, „Nada“, „Žuta ruža“, „Ostala si uvijek ista“, „Ako me ostaviš“, „Virujen u te„, „Južnjaci“, „Stari Pjer“, „Prva noć sa njom“ и  „Takav je život“.

Песните ги пееја музичките легенди кои во текот на неговата кариера соработуваа со Ѓорѓе Новковиќ: Неда Украден, Жељко Бебек, Габи Новак, Здравко Чолиќ, Владо Калембер, Северина и Мишо Ковач. Од особена вредност се и изведбите на песните во интерпретации на Петар Грашо, Борис Новковиќ и Мија Димшиќ.