Раде Шербеџија на 24 јануари со концерт во Центар за култура – Битола

Еден од најхаризматичните уметници на овие простори, Раде Шербеџија, заедно со својот
бенд „Западни колодвор“, доаѓа повторно во Битола, на концерт кој носи вечер на силни емоции,
поезија, музика и сеќавања.

„Центар за култура како добар домаќин на сите добри и креативни проекти го продолжува од темпото од минатата година. И ова ќе биде вториот концерт кој ќе се случува во Центар за култура а на почетокот на февруари имаме уште два други концерти.“ – најави директорот на Центар за култура – Битола, Сашо Илковски.

Раде Шербеџија со децении гради единствен уметнички свет во кој театарот, филмот,
поезијата и музиката природно се преплетуваат. Неговите концерти не се само музички
настапи – тие се интимни средби со публиката, приказни за љубовта, загубата, слободата,
носталгијата и човечката судбина, раскажани со глас што носи искуство и вистина.
Раде Шербеџија доаѓа во Битола со концерт кој го надминува класичниот музички настап
и се претвора во вечер на поезија, емоции и вистина.

„Раде Шербеџија освен што е најголемото глумечко име на овие простори е и човек кој е голем и докажан пријател на Македонија. Тоа не е само музика и пеење, тоа е артистички настап, тоа е поезија. Битола и Скопје се единствените града каде што тој ќе одржи концерти оваа година, иако имаше интерес и за други места. Ексклузивно во Битола и Скопје за прв пат ќе биде изведена и една нова песна на Раде.“ – најави Владимир Мандически од Баги продукција.

Со бендот „Западни колодвор“, Шербеџија ќе изведува песни и стихови кои зборуваат тивко,
но погодуваат длабоко – за љубовта, минливоста, сеќавањето и слободата. Неговиот
препознатлив глас и ненаметлива сценска присутност создаваат интимна атмосфера во
која публиката станува дел од приказната.