Излезе најавната шпица за новата македонска анимирана серија – „The Toothstars“

Од синоќа на платформите е објавена најавната шпица за новата анимирана серија „The Toothstars“. Се работи за нов оригинален анимиран серијал развиен од „InnovaRights & Licensing“, партнерска компанија основана од „Dexy Co“ и „Светот на Биби“.

Режисер е Гоце Цветановски кој на премиерата на пилот-епизодата изјави:

„Тоа е една магична авантура во која може да се препознае секое дете, затоа што сите деца кога ќе загубат заб, тоа за нив е малку страшен, малку чуден и секако важен момент кога се и горди бидејќи тоа значи дека растат. Со оваа серија ние сакаме да додадеме малку магија на тој важен момент од детството. Ја завршивме пилот-епизодата, квалитетот е на многу високо, на светско ниво. Тоа беше нашата цел – да направиме производ кој ќе може да се прикажува низ цел свет и со кој ќе можеме да се гордееме и да кажеме дека тука е сработено.“

Серијалот е приказна за семејство на забни самовили т.н. „забовили“ чија мисија е да ги штитат детските насмевки, да ги собираат паднатите детски запчиња и од нив да креираат ѕвезди на небото. Негативен лик во авантурата е Лорд Кариес, тој е непријател на забовилите кому му пречи хигиената и светлината.

Продукцијата на серијалот се реализира во Македонија, од страна на „Toon Motion Studios“, истиот креативен тим што стои зад регионалниот бренд „Светот на Биби“. Серијалот е осмислен така што лесно комуницира со меѓународната публика и истовремено содржи вредности и теми значајни за развојот на децата. И е наменета за деца од шест до девет години односно  повозрасни деца од таргетот на „Светот на Биби“. 

Премиерата на серијалот е планирана за есен 2026 година.