Утре започнува „Зимска приказна“

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски денес на прес конференција ја најави програмата на „Зимска приказна“.

„Сакам да ја најавам програмата за дочекот на новата година, овде од центарот на Битола, каде минатата година на ова место се лизгавме, а годинава заеднички празнично како во нашите домови ќе гледаме новогодишни филмови на отворено. И оваа година ќе имаме програма за уживање на сите генерации и се надеваме дека и оваа „Зимска приказна“ ќе биде прераскажувана по убавите новогодишни моменти во следната година.“ – рече Коњановски.

Главната сцена е на платото на Офицерскиот дом, но програмата е на повеќе локации, плоштадот „Магнолија“, во Пациото на Завод и музеј, Безистенот, Магазата, Инфо центарот на Пелистер, Киното Манаки, Центарот за култура, Близ молот, Порта Џез, Домот за стари лица „Сју Рајдер“, Ски патеката на Копанки, спортската сала „Боро Чурлевски“, „Бук хаус“ , Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ и секако Старата битолска чаршија.

Во годинашната програма се вклучени и основните училишта од општината, градинките и едукативните центри за странски јазици.

Годинава, бројките ја потврдуваат приказната: над 200 часа програма низ целиот град, а од нив, околу 35 часа детска програма. Има 67 бендови, повеќе од 20 соло изведувачи, 5 фолклорни друштва, 2 градинки и 11 училишта како активен дел од програмата.

Со што ова е најголемиот зимски фестивал во Македонија веќе неколку години.

Програмата започнува утре со Дедо Мраз со фичото, потоа следува германски божикен базар, „Гром“ и „Суперхикс“, кино на отворено, па зимска техно игранка, изложба, Никола Зац со бендот в недела, Етно Илинден, КУД Илинден, француската алијанса, ансамблите за фолклор „Плетенка“ и „Гоце Делчев“, куќа имам на Пелистер, од понеделник најдоброто од Битолскиот оркестар Дива, Инструментал бенд, „Дрим тим“, програма на градинките и училиштата од градот, Игор Димовски-„Пауза за ракија“, француски божикен настан, концерт на Пијан славеј, новогодишна караоке соба, Верица Ристевска, Огнен Здравковски, „Паркети“, „Код 369“, Влатко Лозановски, Бојана Скендеровски, оркестарот „Маестрал“, празнична штафета, музика, танц и мода, „Си-До“, битолски тамбураши, Бојан Стојков и Димитар Андоновски, натпревар на легендите на РК Пелистер, многу детски новогодишни претстави, „Ареа“, Александра Јанева, хуманитарен новогодишен базар, „Деспина“, „Конзули“, „Модус бенд“, новогодишен концерт на музичкото училиште, група „Бонтон“, „Фонтана“, Ламбе Алабаковски, а на последниот ден од годината на 31 декември, претпладне детска програма, претстави, „Тралала“, вечерта Борче Наумовски, Кабаре за раѓањето и вечноста, Баркод бенд и пред и во новата година со групата „Нокаут“, потоа Уникат бенд, Татјана Стефановска и групата „Нектар“.

Но, со тоа на завршува Зимската приказна туку продолжува со „Први на Први Пелистер“, Дедо мраз на мотор, во следните денови и „Боемите“, „Деспина“, „Калабалак“ и на последниот ден на 5 јануари Дона и пријателите.

„На крајот ве поканувам сите заедно да уживаме во новогодишните празници, сплотени под новата новогодишна светлина на Битола. Да се забавауваме со музичката програма, да гледаме филмови и да возиме низ Битола со празничниот автобус. Магијата може да започне“. – зарши градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Продолжувањето на овој концепт е резултат на добрата соработка со ЈОУ КИЦ и ЈП Паркинзи.

„Ова е начин на соработка преку кој сите заедно, јавниот и приватниот сектор, ги ставаме на располагање расположливите ресурси со кои се овозможува предновогодишно заживување на градот“ рече директорот на КИЦ, Благојче Божиновски.“