Центар за култура – Битола со бесплатна претстава како новогодишен подарок за публиката

Бесплатна изведба на претставата „Сите прекрасни нешта“ на Штипскиот театар е новогодишен подарок од Центарот за култура – Битола за сите нивни посетители. Ова е благодарност за големата посетеност и континуираната поддршка во текот на целата година.

„Сите прекрасни нешта“ е драма создадена по мотиви на делото на Данкан Мекмилан. Преку лични сеќавања и топла, интимна нарација, претставата ја раскажува приказната за љубовта, загубата и надежта, балансирајќи меѓу тежината на животот и малите нешта поради кои вреди да се продолжи напред.

Ова сценско дело ја отвора темата за менталното здравје како значајно општествено прашање, нагласувајќи ја потребата од разбирање, поддршка и подигнување на свеста, преку силата на театарската уметност.

Претставата ќе се одигра во Големата сала на Центар за култура – Битола на 23 декември со почеток во 20 часот. Пријава за присуство е задолжителна, преку Google форма. Бројот на места е ограничен – пријавата е задолжителна!

Линк за пријавување на влезници.

Настанот е дел од Годишната програма на НУ Центар за култура Битола, со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.