„Ангели во Америка“ на МНТ и Пресврт гостува во Битолски театар

По премиерата во Македонскиот народен театар на 1ви септември, современата драмска класика „Ангели во Америка: Среќна фантазија на национални теми“ од Тони Кушнер, во режија на Филип Петковски, ќе гостува на сцената на Народниот театар Битола на 6 декември 2025 година со почеток во 20 часот.

Овој драмски текст, кој доби признанија како Пулицерова награда за драма, се смета за едно од најмоќните дела на американската драма од крајот на 20 век. Сместен во Њујорк во средината на 1980-тите, за време на ерата на Реган и епидемијата на ХИВ/СИДА, текстот ги следи судбините на ликови чии приказни зборуваат за љубов под незамислив притисок, за страв и за храброст, за вера и за сомнеж, за човечката потреба да се најде надеж, дури и кога светот е решен да ја уништи.

Со силна актерска екипа составена од Јордан Симонов, Александар Стоименовски, Стефан Спасов, Илин Јовановски, Наталија Теодосиева, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска, претставата комбинира интензивна драматургија, визуелно моќна сценографија и длабоко емотивна изведба.

Претставата се реализира како копродукција на Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“ – Скопје и Македонскиот народен театар, сценографијата во претставата е на Мартин Манев, костимографијата на Антонија Гугинска – Јорданоска, а продуценти на проектот се Петар Антевски и Филип Петковски.

Билети се достапни на билетарата на Народен театар Битола и онлајн на www.narodenteatarbitola.com.

Оваа активност е поддржана од проектот Култура за развој на Владата на Швајцарија и е имплементирана од Хартефакт фонд. Изнесените ставови во оваа претстава се единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија или на Хартефакт фонд.

Претставата е подржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Europe House Skopje, Германската амбасада во Скопје, Здружението Заедно посилни и Gilead Sciences Europe LTD.