Со концерт на Гамазда заврши Фестивалот на музика од светот

Со концерт на руската пијанистка и YouTube сензација Гамазда, синоќа во НУ Народен театар – Битола се затвори Фестивалот на музика од светот.

Гамазда беше дочекана со искрен и долг аплауз, знак дека публиката знае точно кого има пред себе. Со нежна, но моќна енергија, таа ги преточи рок класиците во пијано интерпретации што ја исполнија салата со топлина и возбуда.

Преку нејзините настапи, Гамазда успева да внесе нов живот во легендарни композиции, претворајќи ги во пијано изведби полни со емоција, енергија и раскошна музичка техника. Затоа денес се смета за една од највпечатливите и најследени музички уметници на дигиталната сцена. Така и синоќа хитовите на „Metallica“, „System Of A Down“, „Roxette“ и „Queen“ добија нов звук – префинет, современ и препознатливо нејзин. Секоја нота носеше дел од светскиот квалитет што Гамазда го донесе во Битола.

Гамазда изгради импресивна меѓународна кариера благодарение на својот препознатлив стил – динамична, енергична и технички беспрекорна интерпретација на култни песни од бендови и изведувачи кои го обликувале модерниот музички свет. Нејзините видеа имаат милионски прегледи, а нејзиното име е синоним за свеж, автентичен и модерен пристап кон рок музиката на пијано.