4 часа само хитови: Бајага и Владо заедно за Св. Валентин во Скопје

Во време на годината кога сме опкружени со некои „чудни” и уште почудно ,,спектакуларни” концерти, Авалон продукција го најавува својот прв проект за 2026 година.

За еден поинаков Св. Валентин и Св. Трифун. Заедно на една сцена, и само една вечер двајцата реално најголеми хитмејкери Бајага и Владо Јаневски со голем заеднички концерт на 14 февруари во „Арена Борис Трајковски“.

„Повеќе од 4 часа – само хитови! Кои и какви, нема потреба да набројуваме, сите знаеме. Би сакале да нагласиме дека и Бајага и Владо веднаш ја прифатија оваа идеја, со големо задоволство и почит за другиот и неговиот лик и дело.“ – велат од Авалон продукција.

Вечерта ќе ја отвори Владо Јаневски со целовечерен настап со својот фантастичен бенд, а потоа продолжуваат Бајага и Инструктори исто со целовечерен концерт!

Деталите околу влезниците ќе бидат објавени на 2 декември во 19 часот, а во продажба ќе бидат од среда (3 декември) во 10 часот наутро онлајн нa avalonbooking.mk и продажната мрежа на karti.com.mk низ Македонија.