Со премиера на претставата „Макбет“ по текст на Шекспир а во режија на унгарскиот режисер Иштван Сабо, утревечер во Битола ќе се отвори 11. издание на Битола Шекспир Фестивал.
„Со „Макбет“ го отвараме фестивалот кој оваа година го поместивме од летниот период во есенскиот, бидејќи сметаме дека културата не треба да биде насочена само за летниот период кога е и Бит фест, сметаме дека во есенскиот период луѓето повеќе сакаат и доаѓаат во театар. Додека сум јас менаџер на овој театар, влезниците за Шекспир фестивалот, ќе бидат бесплатни, како еден мал гест на Битолскиот театар кон нашата публика која ја зголемивме за 60, 70 проценти.“ – истакна директорот Васко Мавровски.
Како што вели тој се работи за спектакл и епохално дело кое подолго време го немало во Битолски театар а претставата отвара нови димензии на размислување како Шекспир може да се постави.
За процесот зборуваа режисерот Сабо, актерите Мартин Мирчевски кој го игра Макбет и Јулијана Мирчевска која ја игра Лејди Макбет.
„Поминав прекрасни денови во НТБ Битола, два месеци со многу талентирани актери и воопшто целата екипа, направивме чудна претстава. Познатиот театарски работник, таткото на модерната театарска уметност Мајерхолд рекол: правилниот начин да се прави театар е гротеската, бидејќи човековата природа е сама по себе гротеска. Во исто време сме и трагични и комични, сите наши чувства, активности се контрадикторни и мислам дека во оваа претстава ќе го откриете овој тип на природа кај луѓето“, рече режисерот Иштван Сабо.
Улогите ги толкуваат: Александар Димитровски, Никола Стефанов, Мартин Мирчевски, Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска Дранговска, Мартин Митровски, Филип Мирчевски, Александар Стефановски, Иван Јерчиќ, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Живко Борисовски, Соња Михајлова, Ана Грамосли, Марија Стефановска, Марија Цветановска, Ива Лазарова.
„Работејќи со моите колеги, со режисерот, беше едно прекрасно задоволство, поинаков принцип на работа, никогаш не сум замислувал ваква верзија на Магбет, има режисерот некоја чудна смисла за хумор, за гротеска, голем професионалец е кој безрезервно се даде во својата работа, со што ни даде поттик и нам актерите така да влеземе во тој процес. Бескрајно да веруваме во она што го правиме, публиката ќе види една театарска претстава во која како што ние веруваме, и таа ќе верува во она што го гледа“, истакна актерот Мартин Мирчевски кој го игра ликот на Макбет.
„Ни се случи еден процес кој не може да се опише со зборови, она што ќе го види публиката на сцената може да го долови она што го поминувавме овие два месеци, јас ја толкувам улогата на лејди Макбет. Сакам да се заблагодарам на режисерот на прекрасниот процес на работа низ кој пораснавме и како актери и како луѓе“, додава актерката Јулијана Мирчевска.