Овој декември, на сцената на Македонскиот народен театар ќе гостуваат Црногорско народно позориште со ремек-делото „Господа Глембаеви“, предводено од легендарниот Светозар Цветковиќ, како и Народно позориште од Белград со култната комедија „Вообразениот болен“, во која ќе настапи извонредниот Иван Босиљчиќ.
На големата сцена на Македонскиот народен театар, на 16 декември (вторник) во 20:00 часот, публиката ќе има можност да ја проследи извонредната претстава „Господа Глембаеви“, во режија на Данило Маруновиќ, по драмскиот класик на Мирослав Крлежа, во продукција на Црногорското народно позориште. Ова сценско дело, кое со децении го задржува вниманието на европската театарска публика, нуди длабок поглед во сложените семејни, општествени и морални односи на буржоазијата во првата половина на 20 век — со препознатливата крлежевска иронија и драматична интензивност.
Во претставата настапуваат истакнати актери: Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ. Особената чест е присуството на легендарниот Светозар Цветковиќ, добитник на престижната Стериина награда за животно дело, кој ќе го толкува ликот на Игњат Глембај — една од најкомплексните и најмоќни улоги во драмската литература.
Претставата „Вообразениот болен“, според текстот на прочуениот француски комедиограф Жан Батист Поклен Молиер, во режија на Никола Завишиќ, а во продукција на Народно позориште, Белгад ќе гостува во МНТ на 23 декември со почеток во 20:00 часот.
Претставата носи освежена визија во духот на оригиналното Молиерово дело од 1673 година и првпат се изведува со интермецa, како што тоа Молиер првично го замислил.
Воедно, претставата претставува омаж на Молиер не само како писател, туку и како голем актер, како и на неговата потполна посветеност и оданост кон театарската уметност.
Во актерската екипа се: Иван Босиљчиќ, Соња Колачариќ, Анастасија Мандиќ, Данило Лончаревиќ, Зоран Ќосиќ, Сава Милутиновиќ, Немања Стаматовиќ, Ива Милановиќ, Вучиќ Перовиќ, Никола Вујовиќ, Немања Константиновиќ и Јован Стаматовиќ Кариќ.
Билетите се пуштени во продажба онлајн и на билетарницата во МНТ. Цената за патер е 1200 денари, а цената за прва и втора галерија е 1000 денари.