По повод јубилејот 40 години кариера, поранешниот фронтмен на легендарниот македонски бенд „Мизар“ објави нова песна „Девојка од бронза“, со која воедно најавува голем концерт закажан за 20 декември 2025 година (сабота) во МКЦ (Младински културен центар) – Скопјe.
„Кога соработувате со прекрасни луѓе, резултатот не може да биде ништо друго освен — прекрасна песна“, рече Таневски по повод објавувањето на синглот.
Покрај Горан Таневски (музика, текст, аранжман и вокал), во песната учествуваа и: Перо Стефановски („Санаториум“) на гитара и како придружен вокал и Александар Стефановски („Conspiracy“) на гитара, бас, монтажа на тапани, микс и мастеринг а Зоран Казаков беше на труба.
Спотот е на Елеонора Теова (монтажа), додека беа користени материјали од архивата на Опиум продукција во режија на Васил Христов, како и од архивата на Телевизија Скопје – МРТ.
Таневски во објавата им се заблагодари на сите соработници за нивниот придонес и нагласи дека песната симболично го претставува спојот на минатото и сегашноста – четири децении креативност трансформирани во еден единствен звучен документ.
Горан Таневски се смета за еден од клучните протагонисти на македонската алтернативна сцена – уметник кој, преку „Мизар“ и неговото соло творештво, го означи спојот на електрониката, поезијата и рокенролот, останувајќи доследен на оригиналноста и уметничката храброст дури и четири децении подоцна. Неговиот авторски ракопис обележал неколку генерации музичари и публика низ целиот регион, а „Девојка од бронза“ доаѓа како достојна прослава на четири децении од неговата уметничка посветеност.