Хрватската рок легенда Дадо Топиќ издаде нов студиски албум насловен како „Ponovo na cesti“, кој содржи десет песни. Албумот е официјално објавен на сите дигитални платформи од денес, а наскоро ќе биде достапен и на ЦД.
Овој албум претставува комбинација од одличен тим за пишување и богата продукциска работа. Поголемиот дел од музиката на албумот е дело на Брано Ликиќ, кој е и продуцент на албумот, додека остатокот од тимот за пишување го сочинуваат: Радоман Кањевац, Јосип Слишко, Душко Трифуновиќ, Неџад Беговиќ и Мирослав Пиљ.
Албумот беше најавен со синглот „Donna Impossibile“, кој Дадо премиерно го претстави на фестивалот CMC во Водице во 2025 година, каде што песната привлече голем интерес од публиката и критиката. Заедно со неа, објавени се и видео записи со текст за песните „Zajedno u vremenu“, „Baby daj mi znak“, „Podigni glavu“ . Албумот ја содржи и песната „Slobodan čovjek“, со која Дадо Топиќ ја освои втората награда од публиката на овогодинешното издание на „Београдска пролет“.
Во текот на повеќе од пет децении на музичката сцена, Дадо Топиќ остави неизбришлив белег како еден од најхаризматичните и највлијателните рок-пејачи во овој регион. Како фронтмен на легендарните групи „Тајм“ и „Корни“, и како успешен соло уметник, тој го обликуваше звукот на домашната рок и поп-сцена во 1970-тите и 1980-тите.