Годинашното, јубилејно десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „КинеНова“ ќе биде отворено со документарниот филм „Загубениот Тим од соништата“ на хрватскиот сценарист и режисер Јуре Павловиќ. Се работи за приказната за фантастичната генерација на југословенската кошарка, која во 1991 година во Рим го освои своето последно злато, токму во моментите кога земјата се распаѓаше. Во филмот со свое гледиште настапува златната генерација на која и’ припаѓаа Дивац, Кукоч, Паспаљ, Раѓа и останатите ведети на југословенската кошарка, која за жал, не го оставри сонот да се сретне со првиот „Дрим тим“ од НБА лигата на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, како можен и посакуван „судар на титаните“
– Дали сметате дека вашиот филм е „југоносталгичен“, бидејќи некогаш оваа „етикета“, во зависност од начинот на употреба, има позитивна, а друг пат негативна конотација?
– Се разбира дека не сметам дека е „југоносталгичен“, туку „југореалистичен“. Во таа насока интересно е како филмот започнува, со приказната на Бранко Коцкица кој на децата им ја објаснува Југославија, „братството и единството“ и како „заедно сме посилни“. До крајот на филмот се гледа како таа приказна испадна детска и многу наивна, а на крајот сите знаеме и како таа заврши. Затоа сметам дека филмот има здрав и реалистичен однос кон поранешната држава, каде се прикажуваат некои позитивни работи кои кај луѓето будат носталгија, но и некои помалку убави нешта, особено земајќи го предвид лошиот крај на целата приказна.
– Дали беше тешко да се натераат кошаркарите, по три и пол декади, повторно да се присетат и да зборуваат за нивниот „неостварен сон“? Бидејќи во меѓувреме им се случија толку многу други работи, титули, бизниси… Дали имавте потешкотии со некого од нив, или сите беа согласни дека приказната треба да се раскаже на овој начин?
– Тие на почетокот беа внимателни, бидејќи беа свесни дека и по 35 години, приказната за последниот југословенски тим може да предизвика секакви реакции во новонастанатите држави, во зависност која страна го толкува тоа. Но низ разговорите со мене сфатија дека се работи за еден чесен и неманипулативен пристап, поради што на крајот сите ми ја дадоа довербата една ваква приказна да се овековечи на големиот екран.
– Гледаме многу карактери во филмот. Цел „тим од соништата“. Што авторски ви беше најинтересно? Дали тоа е моментот на антиклимакс, кога наместо радост, кошаркарите ги дочекува атмосфера на делби, борба за нешто свое, додека кај нив се’ уште е жива емоцијата на заедништвото?
– Да, тоа и според мене е силен момент, бидејќи тогаш илузијата се распаѓа и протагонистите ги дочекува студената реалност. Она што лично ми се допадна е моментот дека добрите и нормални луѓе честопати се и многу наивни: голем број на луѓе од овие простори не веруваше дека ќе дојде до распад на државата, иако грзоните работи веќе тропаа на вратите. Затоа тој антиклимакс во филмот ја прикажува студената реалност таква каква што е, и тој емотивен момент силно удира врз гледачот.